Tuesday, April 2, 2013

Атмосфера, клима и време

Атмосферата  на Земјата е клучен фактор во одржувањето на планетарниот екосистем. Тенкиот слој гасови што ја обиколува Земјата се држи на место со помош на гравитацијата на планетата. Сувиот воздух се состои од 78% азот, 21% кислород, 1% аргон и други инертни гасови,јаглерод диоксид итн.; исто така, воздухот содржи и променлива количина на водна пареа. Атмосферскиот притисок се намалува со зголемување на надморската височина. Озонската обвивка на земјината атмосфера има важна улога во намалувањето на ултравиолетвоото (UV) зрачење кое стигнува до површината. Бидејќи ДНК се оштетува од UV зрачењето, ова има за цел заштита на живиот свет на површината. Атмосферата исто така задржува топлина за време на ноќта, со што се редуцираат дневните температурни екстреми.
Времето на Земјата го има исклучиво во долниот дел од атмосферата и служи како спроводен систем за редистрибуција на топлината. Океанските струи се друг важен фактор во одредувањето на климата, особено големото подводно термохалино струење кое ја распространува топлинската енергија од екваторијалните океани до поларните региони. Овие струи помагаат во ублажување на разликите во температурите кои постојат во зима и лето во умерените зони. Исто така, без редистрибуција на топлинската енергија од океанските струи и атмосферата, тропските области би биле многу пожешки, а поларните региони многу поладни.
Времето може да има корисни и штетни ефекти. Временските екстреми (торнадо, ураган, циклон) може да потрошат големи количини на енергија долж нивниот пат на минување и да предизвикаат уништување. Површинската вегетација развила зависност од сезонската променливост на времето, така што ненадејни промени од само неколку години би можеле да имаат драматичен ефект, како на вегетацијата, така и на животните кои зависат од нејзиниот раст поради исхрана.
Климата на планетата е мерка за долгорочните трендови во времето. Познато е дека различни фактори влијаат на климата, меѓу кои се океанските струења, површинското албедо, стакленички гасови, варијации во сончевата светлина и промени во орбитата на планетата. Врз основа на историски податоци, познато е дека Земјата била подложена на драстични климатски промени во минатото, меѓу кои се вбројуваат и ледените доба.
Климата на еден регион зависи од бројни фактори, особено од надморската височина. Појас од надморска височина на површината кој има слични климатски својства образува климатски регион. Постојат многу вакви региони, кои се наоѓаат од тропската клима на екваторот до поларната клима во северните и јужните екстреми. На времето исто така влијаат и ссезоните (годишните времиња) кои се резултат од тоа што Земјината оска е поместена во однос на нејзината орбитна рамнина. Според ова, во дадено време од летото или зимата, еден дел од планетата е повеќе директно изложен на сончевите зраци. Ова изложување се менува како што Земјата врши револуција во својата орбита. Во дадено време, независно од годишното време, северната и јужната полутопка имаат спротивни годишни времиња.

Вода на Земјатa
Водара е хемиска супстанца која се состои од водород и кислород и е неопходна за сите познати форми на живот. Во секојдневието на човекот, поимот „вода“ се однесува само на течната агрегатна состојба, но оваа супстанца исто така се среќава и во цврста агрегатна состојба - мраз - и во гасовита состојба - водна пареа. Водата покрива 71% од површината на Земјата.На Земјата, таа се наоѓа најмногу во океаните и другите поголеми водни басени, со тоа што 1,6% отпаѓа на подземната вода, а 0,001% на воданта пареа, облаците (образувани од цврсти и течни честици вода суспендирани во воздухот) и врнежите.Океаните држат 97% од површинската вода, глечерите и поларните снежни покривки 2,4% а останатите копнени површини (реки, езера и бари) - 0,6%. Дополнително, мала количина на вода се состои во живите организми и преработените производи.

Океани


Океан е голем воден басен со солена вода и главна компонента на хидросферата. Приближно 71% од површината на Земјата (површина од околу 361 милион километри квадратни) е покриен со океан, непрекинат воден басен кој е поделен на неколку главни океани и помали мориња. Повеќе од половина од оваа област има преку 3000 метри длабочина. Просечната соленост на океанот изнесува околу 35 ppt (3,5%) и приближно целата морска вода има соленост од 30 до 38 ppt. Иако во општи црти се опишуваат како неколу „одделни“ океани, овие води сочинуваат еден светски, поврзан басен од солена вода, често нарекуван и светски океан. Тој е од фундаментално значење за океанографијата.
Големите океански оддели се одредени делумно од континентите, различните архипелази и според други критериуми: овие оддели се (од најголем кон најмал) Тихи Океан, Атлански Океан, Индиски Океан, Јужен Океан и Северен Леден Океан. Помалите региони на океаните се познати како мориња, заливи итн. Постојат и солени езера кои претставуваат помали басени на солена вода обиколена од сите страни со копно кои не се поврзани со светскиот океан. Два забележителни примери се Аралското Море и Големото Солено Море.

Езера

Езерата се поголеми вдлабнатини на Земјината површина исполнети со вода, која не е во непосредна врска со океанот. За езера се сметаат оние водни басени кои се подлабоки од бара и кои се напојуваат со вода од река. Природните езера на Земјата најчесто се наоѓаат во планински предели, рифтови зони и области на кои денес има заледување. Други езера се наоѓаат во неистечени басени или долж тековите на големите реки. Во некои области на светот постојат многу езера поради тоа што има неконтролирана дренажа од последното ледено доба. Сите езера се привремени во однос на геолошката временска скала; тие бавно ќе се исполнат со седименти или ќе истечат од басенот во кој се содржат.

Бари

Бара е басен од неистечна вода, било природен или изграден од човекот, кој најчесто е помал од езеро. Барите и езерата се разликуваат од потоците според брзината на струењето. Додека струењето на водата во потоците лесно се набљудува, кај барите и езерата се среќаваме со микроструења на водата кои се придвижени од температурата и со струења придвижени од ветерот.

Реки

Река е природен тек на вода, обично слатководна, која тече кон океан, езеро, море или друга река. Во ретки случаи реката може едноставно да потоне во земјата или целосно да се исуши пред да достигне до друга вода. Водата во реката најмногу потекнува од врнежите, изворите и водата што се топи од ледниците, глечерите и сл.

No comments:

Post a Comment